Историја на Единицата за брзи интервенции - ЛАВОВИ Мисија, цели, задачи ... Прием на нови регрути Начин на селектирање на регрутите Команда и контрола Галерија Прес сервис, новости ... Контактирајте преку интернет
Единица за брзи интервенции “Л А В О В И”

   

Историја на Единицата

        Целта на овој дел од Веб-сајтот, е да се даде кус историјат и основни информации за Единицата.

        Полициската единица, сега широко позната како “Лавови”, всушност беше формирана во текот на летото 2001 година, како одговор на ненадејната безбедноста криза што настана со терористичките акции на вооружените албански групации познати како “ОНА” или “АНА”.

        Пред 2001 година, во Македонија постоеше една полициска специјална тактичка единица поставена врз основи слични на т.н. “SWAT” единиците, позната како “Тигри” (види * во натамошниот текст).

        Во првичните фази од кризата во текот на 2001 година, бројните добро вооружени групи на ОНА/АНА, во многу случаи беа оружено помоќни од македонската Полиција. До август 2001 година, ОНА успеа да окупира или да заземе контрола врз речиси 100 села во северо-западна Македонија, и да му се заканува на цивилното население во повеќе други села.

        Македонската Полиција не беше подготвена за кризата што ја создадоа терористите, и на почетокот претрпе неколку сериозни попречувања. Над 70 припадници на безбедносните сили беа убиени во терористички напади во текот на пролетта и летото 2001 година, голем дел од нив во заседи што ОНА/АНА ги поставуваше на клучните патни правци. Терористите на располагање имаа современи јуришни оружја и митралези, противтенковски мини, експлозиви, рачни фрлачи на гранати, па дури и минофрлачи.

        Како директен одговор на оваа закана, а особено откако, во текот на јули 2001 година, ОНА/АНА со своите напади се доближија до главниот град, Министерството за внатрешни работи беше обврзано да го групира постоечкиот полициски состав и да регрутира дополнителен резервен полициски состав, притоа формирајќи специфична антитерористичка единица и единица за брзи реакции, чиешто јадро станаа “Лавовите”.

        Како што е вообичаено за секој полициски состав, полицајците пред 2001 година беа обучувани да делуваат самостојно или во патроли составени од по двајца или тројца припадници. Реалноста на новата ситуација со која се соочија полициските сили по тој период, ја наметна неопходноста полицајците да мора да се во состојба да делуваат во групи од по 12 или повеќе членови, наспроти единиците на ОНА/АНА кои делуваа како паравоени формации под големо вооружување и во војнички стил, во групи со слична бројност.

        Првите припадници на Единицата за брза интервенција беа распоредени во текот на август и септември 2001 година, во северозападниот дел од земјата, на одбранбени позиции околу селата на кои им се закануваа напади од групите на ОНА/АНА.

        Оваа нова единица беше “јадрото” на она што подоцна стана познато како “Лавови”, заради амблемот на единицата во форма на Македонскиот лав, со златна боја, кој се носеше во форма на ознака на униформата.

        Релативната решителност и кохезија на новата Единица за брза интервенција, од страна на ОНА/АНА започна да се смета за закана за напредокот на нивната оружена кампања на освојување нови територии. Единицата претставуваше 'потежок' противник во споредба со штотуку обучените припадници на македонската Армија или лесно вооружените “традиционални” локални полициски единици. Како што и можеше да се очекува, ОНА/АНА вложија значителен напор да применат пропаганда со која меѓународната заедница требаше да се убеди дека Единицата претставува опасност за “мирот” во Македонија, и дека истата треба да се распушти. Од август 2001 година, започна добро организираната кампања на негативна или “црна” пропаганда против Лавовите”, во која фактите честопати беа занемарувани или игнорирани.

        Во периодот кога се формираше Единицата за брзи интервенции за време на самата криза, не беше јасно ставено на знаење која е нејзината финална цел и статус. Ова беше разбирливо со оглед на безбедносната ситуација на оружен конфликт и криза со којашто земјата се соочуваше заради терористичките напади.

        Откако во септември 2001 година заврши операцијата на НАТО “Неопходна жетва”, и откако непосредната безбедносна ситуација стана постабилна, Министерството за внатрешни работи можеше да започне со осмислување на појасна антитерористичка стратегија и структура за планирање во случај на сите слични безбедносни ситуации во иднина.

        Континуираната прикриена нестабилност предизвикана со “окупацијата” на голем дел од северозападна Македонија од страна на ОНА/АНА во 2001 година, заедно со непријателските изјави на групации базирани во соседната провинција Косово, јасно ја наметнаа потребата од создавање кредибилитетни и професионални антитерористички сили во Македонија.

        Во периодот од октомври 2001 година до јуни 2002 година, Единицата од страна на Министерството за внатрешни работи, беше формирана како клучната единица за анти-тероризам и брзи интервенции во Македонија.

        Припадниците кои први беа ангажирани во Единицата во 2001 година, беа подложени на селекција и ре-селекција, со цел да се намали вкупната бројка на припадниците на Единицата и да се зголеми квалитетот и обуката на секој припадник одделно.

        Единицата сега е организирана во 4 “батаљони”- Првиот и Вториот батаљон се опремени како мобилни и флексибилни единици составени од полицајци обучени и опремени за најразлични операции. Третиот батаљон е оклопна единица, опремена со транспортни оклопни возила. Четвртиот батаљон обезбедува административна и логистичка поддршка за целата Единица за анти-тероризам и брзи интервенции.

        Првиот и Вториот батаљон сега се способни да изведуваат операции за внатрешна безбедност низ целата територија на Македонија, со брза реакција и со поддршка од Третиот батаљон. Како одговор на тековното ниво на закана заради континуираното постоење вооружени групи на ОНА/АНА, двата батаљона на Единицата се организирани во чети 2/3, кои натаму се поделени на водови и полуводови во стилот на “лесно-пешадиска” единица.

        Припадниците на Единицата се вооружени со современо оружје – стандардното лично вооружување е автоматската пушка со калибар 7,62 mm, а во дополнителното вооружување спаѓаат лесни и тешки митралези, снајпери, рачни фрлачи на гранати, минофрлачи и лесни/средни минофрлачи со калибар до 82 mm. Припадниците на Единицата се опремени со нови униформи, чизми и лична опрема. Единицата е распоредена во неколку бараки во близна на главниот град, а нејзиниот штаб и команда се наоѓаат во зградата на Министерството за внатрешни работи. Со Единицата сега командува Полициски генерал, кој од своја страна му е потчинет на Генералот кој командува со целата униформирана полиција во Македонија, со седиште во Министерството за внатрешни работи.

        Согласно со директивите што Владата ги упати до Министерството за внатрешни работи, Единицата се обучува за широк дијапазон потенцијални задачи. Единицата е сега обучена да иницира операции на следење и набљудување во траење од неколку недели, да патролира пешки или во возила, да ги чува пограничните региони или клучните инсталации, да изведува напади врз терористичките кампови за обука и утврдени упоришта во населени области, во акции на пешадиски или хеликоптерски напад, да притвора осомничени лица, да врши претреси барајќи оружје и експлозиви. Припадниците на Единицата се обучуваат за операции во сите временски услови, на најразлични терени и во најразлични ситуации- од високи планини до градови, од анти-терористички операции со низок интензитет, до операции во случај на закани за јавниот ред и мир.

        Како полициска единица, Единицата за брзи интервенции не поседува артилерија, хеликоптерски оружни системи или тенкови. Доколку таква потреба биде наложена со терористичка закана, оружена поддршка од тој вид ќе дадат Македонската армија и Военото воздухопловство.

        Релативниот првичен “успех” на терористичките групи во Македонија во текот на 2001 година, делумно се должеше и на непостоењето каква било слична анти-терористичка внатрешна сила во Македонија пред 2001 година, која би ги поседувала мобилноста, кохезијата и огнената моќ  потребни во теренските анти-терористички акции.

        Постоењето на Единицата за брза интервенција “Лавови” во иднина ќе претставува подобро спречување на сите внатрешни или надворешни терористички закани за безбедноста на македонската територија и граѓаните. 

        * Специјалната единица на македонската Полиција - “Тигри”, беше/е единица за интервенции од SWAT тип, чијашто примарна задача беа “апсењето во тешки услови”, спасувањето заложници и анти-терористичките операции, првенствено во урбани средини. Единицата и нејзините задачи беа проширени во текот на кризата од 2001 година, но таа ја има задржано претходно спомнатата основна функција. Единицата за брзи интервенции “Лавови” и “Тигрите” имаат тесна соработка и заедничка обука.  

www.lions.org.mk

                           контакт  приватност